Матичниот млеч е бела и вискозна супстанција, продукт на плунковите жлезди на младите пчели работнички. Пчелите работнички ја хранат матицата со матичен млеч во текот на целиот нејзин живот, а и ларвите на сите пчели во првите денови од нивниот развој. Така, благодарение на млечот, ларвата ја зголемува својата тежина за 300 пати во 5 дена, а пак матицата може дневно да снесе и до 2000 јајца, што е два пати повеќе од нејзината тежина и пак да е во полна работна кондиција. Генетски и пчелата работничка и матицата се исти, а единствената разлика е во храната која ја конзумираат. Животниот век на летната пчела работничка е околу 35 дена, но матицата која се храни исклучиво со матичен млеч може да живее од 5-7 години.
Лековитите својства на матичниот млеч се познати од античкиот период, а денес широко се користи во медицината, козметиката и прехранбената индустрија.
Состав на матичниот млеч
Матичниот млеч содржи основни хранливи материи кои се неопходни за одржување на добро здравје. Матичниот млеч содржи околу 67% вода, 12,5% протеини, 11% едноставни шеќери и 5% масни киселини. Покрај тоа, таа содржи голем број на витамини и минерали, од кои особено важно да се нагласи е големата количина на витаминот B5 или пантотенска киселина, или еден од најважните витамини за животот на човекот.
Матичниот млеч се смета за еликсир на младоста и е исклучително добар регенератор, био и имуно стимулатор.
Матичниот млеч го спречува развојот на бактерии и го подобрува имунолошкиот систем. Го забрзува закрепнувањето, ја ублажува вознемиреноста и депресијата, ја елиминира несоницата, помага во нормализирање на телесните функции, го забавува процесот на стареење, ја подобрува моќта на меморијата и се користи во превенцијата на многу болести или пак за одржување на добро здравје.
Конзумирање на матичен млеч
Максималната дозволена дневна доза за возрасни е 1 грам, а доколку се користи за превенција доволно е 200-500 мг на ден. По 15 до 30 дена континуирано конзумирање на матичен млеч, се препорачува да се направи исто толку долга пауза поради неговите антибактериски својства.
Се зема со пластична или дрвена лажица (никако со метална) и се држи под јазикот 5 до 10 минути. На тој начин, лесно се раствора во устата, се апсорбира во крвотокот и делува на целиот организам.
Несакани ефекти
Конзумирањето на матичен млеч кај некои луѓе може да предизвика алергиски реакции како што се стомачни тегоби, оток на грлото, астма, осип на кожата и во екстремни случаи анафилакса.
Треба да се избегнува во бременоста, доењето и кај мали деца бидејќи не се знае доволно за безбедноста во текот на овие периоди. Во однос на интеракција со лекови, пред да започнете со користење на матичен млеч, неоходна е претходна консултација со Вашиот лекар.