Мед - состав и конзумирање - Колку мед дневно е доволно?

Медот е ароматична слатка материја со густо течна конзистенција, која пчелите во вид на нектар ја собираат од цветовите на растенијата и ја преработуваат. Покрај слаткиот нектар од цветовите, пчелите собираат и слатки материи од некои плодови, како и медена роса од лисјата на листопадните и зимзелените дрвја, од кои прават висококвалитетен мед, познат под името медликовец (медлика).

Мед на рамка со пчели

Покрај во течна, медот може да ја промени агрегатната состојба и да премине во цврста, т.е. да кристализира. Ова е и една од одликите на природниот мед, но не и правило.

Хемискиот састав на медот е доста сложен и може да се рече дека до денес не е во целост испитан. Различните видови на мед содржат преку седумдесет различни состојки. Така, во цветниот мед може да има од 15-20% вода, 70-75% инвертен шеќер. Медот исто така содржи и мали количества на сахароза (2-5%), декстрин, органски киселини, етерично масло, ензими, витамини (Б2, Б5, Б6, Ц, К и Е), минерални материи, пигменти, остатоци од восок, поленови зрна и друго.

Сатна основа со пчели и незапечатен мед


Количината на вода во медот влијае врз неговата вискозност, тежина и кристализација. Од минералните елементи најзастапени и најважни за животните функции на луѓето и пчелите се: железо, фосфор, силициум, калиум, натриум, магнезиум, бакар, никел, манган, хлор и др. Посветлите видови на мед, имаат помалку минерални материи од медовите кои се со потемна боја.

Медот како и скоро ниедна друга храна се одликува со особина да е доста лесно сварлив, што значи дека после неговото внесување во организмот тој брзо стигнува до крвотокот. Затоа медот се препорачува како храна за сите - млади, стари, здрави и болни лица.

Мед на сатна основа

Чистиот и природен мед има бактерицидни својства, што значи дека во него поради високата концентрација на инвертни шеќери не може да се развиваат никакви штетни организми. Поради тоа во минатото медот се употребувал за лечење на инфицирани рани, а исто така и денес се користи во народната медицина за приготвување на различни лекови.

При конзумирањето на медот, важно е тоа да биде редовно, умерено и во подолг временски период. 

Мед во саќе

Колку мед дневно е доволно?


Медот е природен засладувач, но тоа не значи дека треба да се консумира неограничено, бидејќи премногу шеќер може да предизвика сериозни здравствени проблеми.

Една супена лажица мед (приближно 21 грам) содржи околу 64 калории, (17,3 грама шеќер). Се препорачува дневниот внес на додадени шеќери да биде помал од 100 калории дневно за жени и 150 калории дневно за мажи (American Heart Association).

Според ова можеме да кажеме дека препорачаната дневна доза на мед не треба да надминува две супени лажици за жени и три за мажи.

Притоа треба да се има во предвид и внесувањето на шеќери во организмот од други извори.

Се препорачува мед да се конзумира на два до три пати во текот на денот, пример една лажица мед наутро со овошје, јогурт или житни култури, една во текот на денот и една лажица мед пред спиење, со овошна закуска или како дел од некое јадење. 

Кај децата се препорачува наместо супена, да се користи кафена лажица (нормално во зависност од возраста и физичкиот развој - три лажици на ден за машки, 2 лажици за женски).

Бебиња до 1 година

Не се препорачува да им се дава мед на деца до 1 година. Медот содржи одредени бактериски видови, кои може да предизвикаат проблеми кај новороденчето (тежок облик на труење со храна – ботулизам)!

Бремени жени

Иако е познато дека медот е опасен за бебиња под една година, истражувањата покажале дека тој нема таков ефект врз плодот во утробата на мајката. Сепак, за правилно дозирање и начин на конзумација најдобро е да се консултирате со Вашиот лекар.

Колку долго може да се складира медот

Зрел мед, ставен во добро затворен сад и во сува просторија, може да го сочува својот квалитет неограничено време. Така на пример во Египет, при отварањето на гробницата на фараонот Тутанкамон најден е сад со потполно зачуван мед, иако бил складиран повеќе од 3000 години. Доколку се чува во отворен сад, медот апсорбира влага од воздухот, па така почнува да се разредува на површината и да ферментира.

Предозирање со мед


Предозирање со мед води до презаситување на организмот и оптварување на работата на панкреасот. Конзумирањето премногу мед може да предизвика неколку негативни ефекти како што се:
1. Зголемено ниво на шеќер во крвта
2. Кога се зема прекумерно, постои ризик од низок крвен притисок кој исто така може да влијае на функционирањето на срцето.
3. Може да доведе до стомачни проблеми - грчеви, запек, надуеност.
4. Зголемување на телесната тежина
5. Проблеми со забите – ерозија на глеѓта на забите, шуплини, расипување на забите
6. Некои луѓе се чувствителни или алергични на одредени компоненти во медот, особено пчелниот полен. Иако ретки, алергиите на пчелен полен може да предизвикаат сериозни, а понекогаш и фатални, негативни реакции.