Сместено покрај чистата Градешка Река, на 52 км од Битола, Градешница е ридско село кое лежи на надморска височина околу 800 метри. Не се знае кога точно настанало селото, но според археолошките наоди може да се утврди дека на ова место постоел континуитет на живеење дури од праисторија. На влезот од селото посетителите ги пречекува црквата Св. Димитриј која е една од најстарите во битолскиот регион. Потекнува од ХIV век и е градена од камен и малтер, а покривот од камени плочи.
Чистата Градешка Река е дар од бога за ова село. Извира во близина на селото на надморска височина од 1.600 м и по нејзиниот тек до селото буквално не постои никаков извор на загадување. Интересно е дека локалното население дури и пие од неа во горниот дел од селото, во близина на т.н. „Темнички вир“, кој во летниот период е едно од омилените места за разладување.
Во минатото село Градешница било најголемо село во Мариовскиот крај. Според пописот во 1953 година во селото имало 1085 жители, но поради масовниот бран на иселување, денес се останати помалку од 50 жители, кои претежно се занимаваат со земјоделие и сточарство.
Мариовскиот крај и село Градешница овозможуваат одлични услови за развој на пчеларството, кое во минатото било доста застапено во овој крај. Практично без никакви извори на загадување во радиус од 40 км, изобилството на вода кое селото го добива од Градешка река, резултира со богата и разновидна паша за пчелите, сместена на надморска висина од 800-1100 м.
Фото галерија
- дата: 15.08.2020 г